За Нас
Во ова време на предизвици и брзи промени, модерниот човек се почесто е излoжен на прашањето, како да се зачува добрата здравствена и духовна состојба, а во исто време и да се одговори на предизвиците на животот.
Јогата е еден од најприфатените и најефикасните начини да се постигне урамнотеженост на физичкото, менталното и духовното здравје. Таа е древна вештина со која се постигнува единство со целото свое битие. На секаде во светот ефектите од практикувањето јога се истражуваат од страна на еминентни научници и лекари. Резултатите кои се добиени од таквите истражувања покажуваат дека јога техниките се моќно средство за одржување на добра физичка, ментална и духовна рамнотажа, воедно развивајки ги заспаните потенцијали на личноста овозможувајки добар квалитет на живот.
Во Јога Клубот Тара се практикува Традиционална јога, чија основа се базира на учењето на Свами Сатијананда основачот на Бихарската Школа за јога. Клубот работи од октомври 2008год. Оттогаш па наваму успешно се водат јога групи за сите возрасти, јога за трудници, семинари, предавања, јога часови во природа, како и јога кампови низ Р.Македонија.
Часовите ги води Лидија Котевска - јога инструктор и дипл.психолог, основач на Јога Клубот Тара во Аеродром. Теоретска и практична обука за јога инструктори има стекнато во Институт За Универзална Енергија-Скопје, под водство на Владимир Пендовски. Во текот на неколку годишната пракса и работа во Институтот, ги има водено јога групите за почетници (група 1), напредните јога групи (група 2 и група 3), аштанга јога(група 4), како и часови по медитација на Големата Мандала, која вклучува Гуру Јога и Дејти Јога (повеќе). Има посетувано и организирано семинари од областа на Универзална енергија во рамките на Академијата за Човечка Универзална Енергија и Спиритуалност-HUESA, под водство на Владимир Пендовски (претседател на HUESA центарот во Македонија) и др-Тереза (претседател на HUESA и декан на Факултетот за Комплементарна Медицина -Шри Ланка).
Во текот на студиите по психологија, има работено како демонстратор по предметот Психологија на личноста при Философскиот Факултет-Скопје. Покрај стандардните вежби по предметот, има одржувано вежби и работилници со студенти по психологија, на тема "Јога и медитација како техники за личен развој".
Дипломираше на тема "Разлики помеѓу практиканти и непрактиканти на јога во емпатијата и локусот на контрола" - на Институтот за психологија, при Философскиот Факултет Скопје.
Има завршено двегодишна обука за Интегративна психотерапија во Центар за развој, советување и психотерапија - Скопје, под водство на проф.д-р Благоја Јанаков, универзитетски професор. Основни делови на обуката за Интегративна психотерапија се советување насочено кон клиентот, комплементарна-аналитичка психотерапија, гешталт терапија, когнитивна терапија. Искуствата од ваквата пракса ги интегрира во контактите со јога практикантите во индивидуалните и групните јога часови.
Со цел промовирање на јогата како можност за личен напредок и добросостојба, има објавувано статии за јога, во списанието "Психолог". Има гостувано на повеќе телевизиски емисии во кои се презентира јогата и бенефитот од практикувањето јога кај современиот човек.
Има одржувано јога часови на стари и изнемоштени лица, како и одржувано часови по јога на жени оперирани од рак на дојка, како дел од јога во терапевтски цели. Во Јога Клубот Тара, секојдневно одржува јога часови на практиканти од различни возрасти. Ги води почетните, средните и напредните јога групи, групите за трудници и деца. Работи и дејствува во духот на јогата, помагајќи при подигањето на свесноста кај луѓето, подобрување на нивната добросостојба, како и постигнување посреќен и исполнет живот преку јогата. Одржува предавања на теми - основи на јога, психологија на јогата, јогата и личната среќа итн. Организира и одржува јога кампови низ Р.Македонија, а во текот на пролетните и летните денови, по договор со редовните практиканти, одржува бесплатни часови во природа отворени за сите кои немале можност или прилика да се сретнат со јогата. Континуирано се надоградува, инспирирајќи се од сопствениот јога учител, древните јога учители, модерните светски инструктори, како и од нејзините практиканти кои и се најголема инспирација.